Купување кола

Skip listen and sharing tools

Следните информации ќе ви помогнат да ги донесете исправните одлуки кога купувате кола.

Пред да купите кола

1. Направете истражување

  • Споредете ги цените огласени во весниците и на интернет. Појдете во повеќе различни продавници за коли. 
  • Може да се пазарите околу цената, особено ако купувате кола на старо. 
  • Во списанијата за коли и на местата на интернет за коли може да најдете информации за можностите на колата, за цените на горивото, за безбедноста на колата и други подробности. 
  • Приберете информации за тоа колкави се тековните трошоци за одржување за разни типови на коли. На пример, увозните коли може да бидат поскапи за одржување или за поправање. 
  • На следните места може да се најдат добри информации: 
    • Howsafeisyourcar.com.au website – ја оценува безбедноста на разни модели на коли
    • Fuel consumption guide database – подробности за штедење на гориво за разни модели на коли
    • Green Vehicle Guide website – информации за тоа колку колата ја загадува животната средина
    • VicRoads website – подробности за возачки дозволи, уверенија за техничка исправност на колите и проверки на безбедноста.

2. Разгледајте наоколу за најповолен кредит и 
    осигурување

  • Повеќето продавачи на коли што имаат дозволи за работа нудат и кредити. Меѓутоа, тоа можеби не е најевтината или најдобрата можност што ви стои на располагање.
  • Исто така проверете ги стапките и провизиите на банките, кредитните задруги и други финансиски институции што даваат кредити.
  • Не потпишувајте договор за купување на кола пред да ви биде одобрен кредитот.
  • Иако тоа не е задолжително, пожелно е да земете осигурување ако купувате кола. Осигурувањето ќе ве заштити од трошоци ако имате сообраќајна несреќа или ако вашата кола е украдена или пак случајно или намерно оштетена.
  • Може да се осигурате во осигурителна компанија по ваш избор. Не заборавајте да ги внесете и трошоците за осигурувањето во вашите планирани трошоци.
  • Трошоците за осигурување се различни за различни типови на коли и во зависност од вашата оценка како возач. Исто така може ќе треба да платите повеќе ако вие или некој друг што ќе ја вози колата е помлад од 25 години.

3. Изберете го најдобриот начин за купување кола

  • Обично најмногу нови коли се купуваат од продавачи на моторни возила што имаат одобрение за работа.
  • Меѓутоа, може исто така да купите и кола на старо преку приватно лице или од некоја компанија за аукции. Осигурајте се дека ќе ја одберете онаа можност што е најдобра за вас.
  • Понекогаш може да е поевтино да се купи кола од приватно лице или на аукција, ама тој начин е поопасен, затоа што не добивате толку многу законски права како кога колата ја купувате од продавач на моторни возила што има одобрение за работа. Можеби исто така нема да можете да ја проверите колата пред да ја купите.
  • Добивате повеќе законски права ако купувате од продавач на моторни возила што има одобрение за работа. На пример, добивате рок од три дена да се предомислите откако ќе потпишете договор за купување кола.
  • Исто така добивате и гаранција кога купувате од продавач на моторни возила што има одобрение за работа. Гаранцијата значи дека не треба вие да плаќате ако во колата се јават некои дефекти откако сте ја купиле.
  • И продавачите на моторни возила што имаат одобрение за работа, и приватните лица продаваат коли преку интернет. Бидете многу претпазливи кога купувате кола што не сте ја виделе со свои очи.
  • Направете и независен технички преглед на колата кај некој на кого му верувате пред да ја купите.
  • Бидете претпазливи ако видите некој оглас на интернет во кој се рекламира кола што се продава по многу пониска цена од очекуваната. Тоа може да е некоја измама што ќе ве наведе однапред да платите капар за колата, а колата всушност не постои.

Кога купувате кола

1. Потпишување на договор

  • Не дозволувајте никој да ве брза да го потпишете договорот. Одвојте време да го разберете договорот. Ако вие не го разбирате, покажете му го на некој што ќе го разбере.
  • Обидете се да не го потпишувате договорот првиот пат кога ќе ја видите колата. Дајте си време да размислите дали таа кола е вистинската за вас надвор од местото на продажба.
  • Ако во договорот има некои работи со кои не се согласувате, разговарајте за нив со продавачот. Можно е да се изменат условите од договорот.

2. Ако се предомислите

  • Запомнете, ако потпишете договор за купување кола со прoдавач на моторни возила што има одобрение за работа, добивате „период за предомислување“ од три работни дена. Тоа значи дека имате три работни дена да се предомислите во врска со купувањето на колата.
  • Ако одлучите да се предомислите во текот на тие три дена, продавачот може да задржи:
    • $400 или два проценти од цената на купувањето, во зависност од тоа кој износ е повисок (за нови коли), или
    • $100 или еден процент од цената на купувањето, во зависност од тоа кој износ е повисок (за коли на старо).

3. Гаранција

  • Запомнете, кога купувате кола од продавач што има одобрение за работа, добивате гаранција. Гаранцијата ќе помогне да се заштитите од плаќање за поправка на дефекти што може во иднина да настанат кај колата. Гарантниот период може да биде различен за нови коли. Нема гаранција за колите купени од приватни лица или на аукција.
  • Кога купувате кола на старо од продавач што има одобрение за работа, тој мора да ви даде гаранција ако колата:
    • не е постара од 10 години, и
    • има минато помалку од 160.000 километри.
  • Законската гаранција за коли на старо важи три месеци или 5000 километри, во зависност кое од двете ќе измине прво. Продавачот мора да ги поправи сите дефекти што се опфатени со гаранцијата во гарантниот рок за да осигура дека колата е во разумно добра состојба за својата старост.
  • Дури и отакко ќе истече законската гаранција, уште имате одредени права според Австралискиот закон за заштита на потрошувачите (Australian Consumer Law) ако настане некој проблем со вашата кола. Меѓутоа, степенот на заштита ќе зависи од некои работи како што се староста и состојбата на колата.
  • Продавачите исто така може да нудат и проширени гаранции. Тие гаранции го продолжуваат гарантниот рок што го дава оригиналната гаранција на производителот, обично со доплата. Не мора да земете продолжена гаранција.

4. Знајте колку пари всушност плаќате

  • Кога купувате кола од продавница за кола што има одобрение за работа, погрижете се да ја дознаете „вкупната“ цена. Вкупната цена ги вклучува и дополнителните трошоци како што се данокот на промет и регистрирањето.

Откако сте купиле кола

1. Техничко одржување на колата

  • Погрижете се да вршите редовно техничко одржување на вашата кола. Тоа ќе помогне колата да остане во добра состојба и ќе ја зачува нејзината вредност.

2. Поправки на колата

  • Кога одбирате автомеханичар, дознајте дали е зачленет во здруженија како што се RACV и Викториската автомобилистичка трговска комора (Victorian Automobile Chamber of Commerce - VACC), чии членови мораат да се придржуваат кон прописно однесување.
  • Кога ја носите вашата кола на поправка, објаснете му јасно на автомеханичарот каква работа треба да се заврши.
  • Побарајте однапред проценка на цената, по можност во писмена форма.
  • Понекогаш автомеханичарот може да утврди дека и нешто друго не е во ред со колата. Погрижете се механичарот прво да ви се јави пред да почне да работи некоја дополнителна работа на колата што вие не сте ја одобриле. Погрижете се сите понудени цени да ви бидат дадени во писмена форма пред да се согласите на тие поправки.
  • Ако вие и автомеханичарот не можете да се договорите за цената за поправка на вашата кола, Викториската служба за заштита на потрошувачите (Consumer Affairs Victoria) можеби може да помогне да се реши проблемот. За поединости, погледнете ја нашата страница Решавање на спор.

Изнајмени коли

  • Ако изнајмувате кола, компанијата за изнајмување коли мора да се погрижи колата да биде со соодветен квалитет.
  • Погрижете се да го прочитате и разберете договорот за изнајмување на кола пред да го потпишете. Ако не го разбирате, покажете му го на некој што ќе го разбере.
  • Погрижете се да дознаете кој ќе биде одговорен ако настане било каква штета на колата. На пример, до која мера осигурувањето ќе ги покрие трошоците?